Според најновите податоци од Државниот завод за статистика, бројот на електрични патнички автомобили во Македонија во 2024 година достигна 1.507, што претставува речиси тројно зголемување во однос на претходната година, кога биле регистрирани 561 вакви возила.
Државниот завод за статистика ги презентира статистиките на регистрирани автомобили кои се собрани од страна на Министерството за внатрешни работи.
Голем скок, мал удел на електричните автомобили
Иако растот е значаен, електричните возила и натаму сочинуваат мал дел од вкупниот возен парк. Во 2024 година, вкупниот број на патнички автомобили во земјата изнесува 580.210, што значи дека електричните автомобили имаат удел од само 0,26%.
За споредба, во 2023 година тој удел бил 0,10%. За само една година, бројот на електрични возила пораснал за 946 возила, или повеќе од 2,5 пати – што е највисок пораст во последната деценија.
Табела: Број на електрични патнички автомобили во Македонија низ годините
| Година | Број на електрични возила |
|---|---|
| 2012 | 41 |
| 2013 | 34 |
| 2014 | 32 |
| 2015 | 33 |
| 2016 | 35 |
| 2017 | 37 |
| 2018 | 44 |
| 2019 | 51 |
| 2020 | 69 |
| 2021 | 128 |
| 2022 | 190 |
| 2023 | 561 |
| 2024 | 1.507 |
Хибридите и електричните возила со најголем раст во 2024
Во периодот од 2023 до 2024 година, вкупниот број на патнички автомобили во земјата се зголемил за 4,93%. Во државата вкупно се возат 580.210 патнички автомобили. Најголем раст е забележан кај хибридните возила, кои од 1.287 пораснале на 5.078, односно за околу 4 пати. Како што кажавме, кај електричните автомобили бројот е зголемен речиси тројно, односно од 561 на 1.507 возила и со тоа се втори по раст зад хибридите.
Погонот на нафта забележува раст од 6,35%, а бензинските возила пораснале за умерени 1,42%. Единствен пад е забележан кај бензин-гас возилата, чии регистрации се намалиле за 2,42%
Што го поттикнува растот на електричните автомобили?
Причините за ваквиот раст се повеќеслојни: подобрување на инфраструктурата за полнење, сè поголема понуда на достапни електрични модели, но и сè поголема свест кај дел од граѓаните за потребата од одржлива и еколошка мобилност.
Доколку трендот продолжи со оваа динамика, електричните возила би можеле во следните неколку години да преминат од маргинален избор во стандард на улиците.
