BMW ги објави резултатите од детална анализа на животниот циклус на новиот iX3 xDrive 50. Анализата покажува дека електричниот SUV успева да ги надомести емисиите на CO₂ кои настануваат при неговото производство, веќе по 21.500 изминати километри. Тоа значи дека од тој момент па натаму, iX3 емитува далеку помалку штетни гасови во споредба со еквивалентен бензински или дизел модел. Секако, знаеме сите дека електричните автомобили емитуваат нула штетни гасови при нивно возење – со ова се мисли на емисиите за производство на електрична енергија за напојување на батеријата.
Поинаков пристап на BMW од самиот почеток
Клучот за оваа ефикасност не е само електричниот погон, туку целосната стратегија на BMW за одржливост. Сè започнува со фабриката во Дебрецин, Унгарија – првата производствена локација на BMW која не користи фосилни горива. Таму се произведуваат сите компоненти за новата платформа Neue Klasse, вклучувајќи го и iX3.
Дополнително, самата батерија е од најновата 6. генерација, со над 50% рециклирани материјали како никел, кобалт и литиум. Ова доведува до 42% пониски емисии на CO₂ по произведен ват-час складирана енергија.
Уште побрзо “враќање” со чиста енергија
Ако возачот го полни својот BMW iX3 со електрична енергија од обновливи извори – на пример, од соларни панели или зелени тарифи од снабдувачите – животниот праг за елиминација на емисиите се намалува уште повеќе. Во такви услови, iX3 станува почист од класичен автомобил веќе по 17.500 километри.
Ова е многу важен податок, бидејќи ја разбива заблудата дека производството на електрични автомобили остава “поголем јаглероден отпечаток” од користењето на бензинци или дизели. Со само една година просечно возење, iX3 ја надминува таа граница и продолжува да штеди емисии во секој нареден ден.
Технологија на BMW што води напред
Покрај намалените емисии, новиот BMW iX3 доаѓа со значителен технолошки напредок: нова батерија со поголема густина, поефикасен мотор и напредна платформа која ќе се користи и кај идните модели на BMW. Сето ова го прави iX3 не само поеколошки, туку и попаметен избор на долг рок.
Заклучок
BMW покажува дека електричните возила, кога се дизајнирани со целокупна еколошка одговорност, може многу брзо да станат почисти од класичните. Со iX3, тоа се случува веќе по 21.500 километри – бројка што многу возачи ја достигнуваат за една до две години. Ова е уште еден чекор кон побрза транзиција кон одржлива мобилност.
