Chevrolet Silverado EV со нов рекорд: 1.705 километри со едно полнење. Но, на каков начин?

Во светот на електричните возила, досегот секогаш бил една од најважните теми. Затоа вниманието го привлече рекордот што неодамна го постави Chevrolet Silverado EV Work Truck. Автомобилот успеа да помине дури 1.705 километри со едно полнење на батеријата. Тоа е речиси двојно повеќе од официјално декларираниот досег на моделот.

Како е можно Chevrolet да постигне ваков досег?

Рекордот не е случаен ниту резултат на модифицирано возило. Напротив, инженерите од General Motors одбраа сериска верзија на Silverado EV со батерија од 205 kWh, истата која се нуди во моделот што се продава на пазарот. Она што го прави резултатот толку импресивен е пристапот: возењето било исклучително внимателно и конзервативно.

Возилото се движело со брзина од околу 30–40 km/h на јавни патишта во текот на неколку дена. Возачите строго се придржувале до правила што имаат за цел да ја намалат потрошувачката на енергија. Во возилото имало само еден возач, без дополнителен товар. Клима-уредот целосно бил исклучен, а за вентилација се користел само вентилатор на најнизок степен или едноставно биле отворени прозорците.

Дополнително, направени биле неколку технички корекции кои се во рамките на фабричките препораки. Гумите биле напумпани до препорачаниот максимум, резервната гума била извадена за да се намали тежината, а поставена била и заштитна прекривка на товарниот дел за подобрување на аеродинамиката.

Зошто овој рекорд е важен, но и ограничен

Рекордот јасно покажува што може да постигне едно електрично возило доколку се вози во идеални услови и со целосен фокус на ефикасност. Но, истовремено, овој досег не е реален репер за секојдневна употреба. Никој не вози со 30 km/h по автопат, ниту пак патува без клима во лето.

Од General Motors изјавија дека немаат намера официјално да го регистрираат резултатот во Гинисовата книга на рекорди. Наместо тоа, целта им била да ги тестираат границите на технологијата и да го инспирираат инженерскиот тим – и тоа им успеа.

Што учиме од овој експеримент?

Главната порака е дека начинот на возење, оптовареноста, брзината и употребата на клима имаат огромно влијание врз досегот на едно електрично возило. Во реални услови, Silverado EV WT има досег од околу 793 километри според американскиот EPA стандард – што и самото по себе е одличен резултат за вакво големо возило.

Овој рекорд не ја менува секојдневната реалност на електричните автомобили, но укажува на огромниот потенцијал што го носат, особено кога се користат рационално и со разбирање на технологијата.