Ferrari Elettrica: Првото електрично Ferrari – нова ера за брендот од Маранело

Ferrari официјално го претстави својот прв целосно електричен модел – Elettrica, со што започнува едно ново поглавје во историјата на брендот. Иако преминот кон електричен погон за многумина значи компромис во перформансите и емоцијата, инженерите од Маранело покажаа дека и во ерата на струјата, Ferrari може да остане верен на својата ДНК.

Моќ и технологија специфична за Ferrari

Ferrari Elettrica е изграден околу целосно нова архитектура со четири електромотори кои заедно испорачуваат моќност од 735 kW, односно околу 1.000 коњски сили. Забрзувањето од 0 до 100 km/h трае само 2,5 секунди/ Максималната брзина надминува 310 km/h.

Во центарот на возилото се наоѓа нова батерија со капацитет од 122 kWh. Батеријата е интегрирана во шасијата за подобра цврстина и оптимално распределена тежина. Според официјалните податоци, автономијата изнесува над 530 километри. Системот поддржува брзо полнење до 350 kW, што овозможува значително пократко време на чекање при долгите патувања.

Конструкција и динамика

Шасијата и каросеријата на Elettrica се изработени од 75 % рециклиран алуминиум, што придонесува за намалување на вкупните емисии при производство. Благодарение на позицијата на батеријата во подот, тежиштето е понизокo за околу 80 мм во споредба со традиционалните модели на Ferrari. Тоа овозможува исклучителна стабилност и прецизност во свиоци.

Возилото користи нова генерација на управувачки систем со eManettino, преку кој возачот може да избира режими како Range, Tour и Performance. На овој начин Ferrari комбинира дигитална контрола со традиционалната динамика што ја карактеризира секој нивен спортски модел.

Звук и доживување

Иако е електрично, Elettrica не е тивко како повеќето EV модели. Инженерите развиле систем кој го засилува автентичниот звук на електричниот погон преку акустични канали поврзани со задната оска. Резултатот е препознатлив Ferrari карактер – прецизен, динамичен и емоционален одговор на секое притискање на педалата за гас.

Насока кон иднината

Со Elettrica, Ferrari не само што ја започнува својата електрична ера, туку и испраќа јасна порака дека перформансите и традицијата можат да одат рака под рака со одржливоста. Овој модел претставува технолошки врв на досегашниот развој во Маранело. Воедно, најавува и нова генерација на високоелектрифицирани спортски автомобили.

Светската премиера на Ferrari Elettrica е планирана за 2026 година, кога ќе бидат откриени и сите детали за дизајнот и производството.