Електричната мобилност сè повеќе се приближува до секојдневниот живот. Наместо полнењето да биде посебна активност, станува дел од рутината. Токму тоа го покажува новото партнерство помеѓу BYD и KFC во Кина.
Нивната идеја е едноставна, но многу значајна. Да се спојат две навики – полнење на автомобил и купување храна – во едно искуство кое не одзема дополнително време.
„9-минутно полнење“ како нов стандард
Во рамки на оваа соработка, BYD поставува ултра-брзи полначи на избрани KFC drive-thru локации. Концептот е дизајниран така што возачот не мора да прави компромис помеѓу време и удобност.
Додека нарачува и ја подигнува храната, автомобилот се полни. И тоа на полнач со моќност од 1500 kw. Да, добро прочитавте.
Целото искуство трае околу девет минути. Време кое веќе постои во секојдневието на корисникот. Наместо дополнително задржување, полнењето се „вклопува“ во постоечката рутина.
Полнењето станува дел од навиките
Овој пристап носи важна промена. До сега, полнењето најчесто се перцепираше како пауза што треба да се испланира. Со новиот модел, тоа станува нешто што се случува паралелно со други активности.
Возачот не оди специјално до полнач. Оди на место каде и онака би застанал.
Воедно, целото искуство е дигитално поврзано. Дури, автомобилот може и однапред да ја испрати нарачката од инфотејнмент систмеот, да ја синхронизира локацијата и да го оптимизира времето на пристигнување. Кога возачот стигнува, подготовката на храната веќе е во тек.

Инфраструктура таму каде што има живот
Овој модел покажува дека иднината на полнењето не лежи само во бројот на станици, туку и во нивната локација.
Поставувањето полначи на места со голема фреквенција, како што се ресторани и drive-thru локации, значи дека инфраструктурата се доближува до луѓето. Наместо да се гради посебна мрежа која бара навика, таа се интегрира во веќе постоечките навики.
Токму тоа е клучната разлика.
Дали ова има глобална перспектива?
Иако партнерството започнува во Кина, концептот има потенцијал да се прошири и на други пазари. Логиката е универзална.
Големите синџири за брза храна веќе имаат развиена мрежа на локации. Корисниците се навикнати на брза услуга. А потребата за полнење на електрични автомобили расте насекаде.
Во такви услови, ваквиот модел може лесно да се прилагоди и во Европа. Особено во урбани средини каде времето е ограничен ресурс, а удобноста игра клучна улога.
Во иднина, вакви партнерства не мора да бидат ограничени само на еден бренд. Можни се соработки со различни ресторани, кафулиња или retail центри. Секое место каде луѓето застануваат може да стане и точка за полнење.
Што значи ова за иднината на ЕВ?
Партнерството помеѓу BYD и KFC покажува дека развојот на електричната мобилност не зависи само од батериите и автономијата. Подеднакво важен е начинот на кој корисниците го доживуваат целиот процес.
Кога полнењето станува дел од секојдневието, исчезнува како пречка.
Не е повеќе дополнителна обврска.
Туку природен дел од рутината.
И токму во тоа се гледа вистинската насока во која се движи електричната мобилност.
