Зошто Кина ја предводи револуцијата со електрични автомобили?

Кина станува глобален лидер во електрификацијата на патниот транспорт, поставувајќи нови рекорди во продажбата на електрични автомобили и променувајќи ги навиките на потрошувачите побрзо од било која друга земја во светот.

Рекордни продажби на електрични возила

Во 2024 година, во Кина се продадени околу 7,7 милиони батериски електрични автомобили – што претставува речиси 30% од вкупната продажба на патнички возила. Тоа е значителен раст во однос на 2020 година, кога уделот беше само 5,1%. Во клучните урбани региони како Пекинг и Шангај, електричните автомобили веќе сочинуваат повеќе од 50% од новите регистрации.

Истовремено, продажбата на класични бензински и дизел возила во земјата продолжува да паѓа – што укажува на јасен тренд кон декарбонизација на транспортот.

Кои производители ја движат електричната експанзија?

На чело на оваа револуција е BYD, домашен кинески бренд кој во 2024 година продаде над 1,6 милиони електрични автомобили, следен од Tesla, со над 600.000 единици продадени на кинескиот пазар. Сепак, новите статистики покажуваат сериозен пад на продажбата на Тесла на почетокот на 2025 година, што се должи на (негативниот) публицитет на Илон Маск, но и на развојот на други домашни кинески брендови. Други значајни играчи се:

  • Geely – со амбициозни планови за целосна електрификација до 2030.
  • NIO и XPeng – нови, но иновативни брендови со фокус на премиум електрични возила.
  • SAIC Motor – со подбрендот MG кој освојува и европски пазари.

Овие компании и уште многу други помали производители не само што доминираат во Кина, туку агресивно навлегуваат и на глобалниот пазар, особено во Европа, Југоисточна Азија и Латинска Америка.

Зошто Кинезите масовно преминуваат на струја?

Причините зад огромниот успех на електричните автомобили во Кина се бројни:

  • Поевтини се од класичните автомобили: Најголемиот дел од електричните автомобили во Кина се продаваат по пониска цена од бензинските возила, дури и без субвенции.
  • Развиена инфраструктура за полнење: Кина има над 2 милиони јавни полначи, вклучително и ултра-брзи станици во урбани и рурални средини.
  • Технолошки напредок: Домашните производители инвестираат во батерии со голем домет, брзо полнење и пониски трошоци за производство.
  • Силна владина поддршка: Иако субвенциите се намалени, Кина и понатаму обезбедува даночни олеснувања и поволности при регистрација на електрични автомобили.
  • Еколошка свест и урбани ограничувања: Големите градови имаат рестрикции за бензински и дизел возила, што дополнително ја поттикнува транзицијата кон електрични автомобили.

Кина — најголем извозник на електрични автомобили во светот

Ваквиот развој не само што го трансформира локалниот кинески пазар, туку ја менува рамнотежата на глобалната автомобилска индустрија – со Кина како најголем светски извозник на автомобили, технологија и знаење.

Во 2023 и 2024 година, Кина официјално ја надмина Јапонија и стана најголем извозник на автомобили во светот, со над 5 милиони извезени возила, од кои значителен дел се електрични. BYD, SAIC и другите кинески производители сè почесто ги снабдуваат европските пазари, каде што нивните електрични модели се поевтини, поконкурентни и технолошки напредни во однос на западните конкуренти. Со силна поддршка од државата и брза адаптација на светските стандарди, Кина станува доминантен глобален играч во новата ера на електричната мобилност.