Колку трошат електричните автомобили во град, а колку на отворено?

Кога зборуваме за потрошувачка кај автомобилите, најчесто очекуваме дека возење на отворен пат значи помала потрошувачка – барем така е кај возилата со погон на внатрешно согорување (бензин, дизел, плин). Но, кај електричните автомобили, ова правило не важи. Напротив, електричните автомобили се поефикасни во градска средина, додека на автопат или вонградско возење може да потрошат повеќе енергија. Зошто е тоа така?

Регенеративно кочење – градскиот сојузник

Електричните автомобили користат регенеративно кочење, што значи дека секогаш кога забавувате или кочите, дел од енергијата се враќа назад во батеријата. Во град, каде што постојано запирате и стартувате, ова значително ја подобрува ефикасноста. Кај класичните автомобили, пак, секое кочење е изгубена енергија.

Постојана брзина = поголема потрошувачка

На автопат, иако нема запирања, електричните мотори работат на високи вртежи и постојано оптеретување, без многу можности за регенерација. Возењето со 120–130 km/h и повеќе значи дека електромоторот троши повеќе енергија за да ја одржува таа брзина, особено поради отпорот на воздухот што расте експоненцијално.

Возењето во град е тивко и економично

Во градска средина, каде просечната брзина е околу 30–50 km/h, електричните автомобили се движат со минимална потрошувачка, без потреба од висока моќност и оптеретување на електромоторот, кој најчесто е во „eco“ режим. За разлика од нив, класичните автомобили при пониски брзини во градските гужви трошат многу повеќе гориво отколку кога се возат константно на повисока брзина на отворено.


Просечна потрошувачка – град наспроти автопат со електричен или класичен автомобил

  • Во градски услови, повеќето електрични возила трошат од 12 до 15 kWh на 100 km. На релација од 10 km, тоа би значело просечен трошок од 7 денари, доколку ја земеме предвид цената на струјата во евтина тарифа. Од друга страна, просечен бензинец троши од 8 до 12 литри на 100 km, па истата релација од 10 km би чинела околу 75 денари – 10 пати поскапо.
  • На отворен пат, потрошувачката на електромобилите расте на 15 до 20 kWh на 100 km, а кај поголеми и потешки модели може да надмине и 20 kWh на 100 km при поголеми брзини над 150 km/h. Во пари, за изминати 100 km цената би била околу 100 денари. Автомобилите со погон на фосилни горива се поштедливи на отворен пат, но пак, при просечна потрошувачка од 5 до 7 литри на 100 km, цената за изминати 100 km e над 400 денари – 4 пати поскапо.

Заклучок

Кога возите електричен автомобил, градот е вашиот сојузник. Наместо зголемена потрошувачка како кај бензинците и дизелите, тука добивате оптимални услови за ефикасност, тивко возење и минимални трошоци. На отворено, пак, електричните автомобили трошат повеќе – но повторно ќе ве чинат околу четири пати помалку пари во однос на возила со погон на внатрешно согорување. Во двата случаи, електричниот автомобил е поисплатливиот избор и за вашиот буџет, но и за животната средина.