Нема повеќе прашање “каде е клучот?“: BYD го промовира Samsung Galaxy Watch во дигитален клуч за автомобил

Физичките клучеви за автомобили полека одат во историјата. Најновиот чекор во оваа насока доаѓа од соработката помеѓу кинескиот производител на електрични возила BYD и технолошкиот гигант Samsung. Со новата функционалност, најновите Galaxy Watch часовници може да се користат како дигитален клуч за отворање и стартување на BYD возила.

Функцијата е достапна на моделите Galaxy Watch 4, 5 и 6, и првично е активна само во Кина. Часовникот комуницира директно со возилото преку Ultra Wideband (UWB) и NFC технологија. Тоа значи дека сопственикот нема потреба од телефон или физички клуч – доволно е да го носи часовникот на рака.

Што е потребно за ова да функционира?

За да функционира дигиталниот клуч, корисниците треба да ја инсталираат апликацијата BYD NFC Car Key на Galaxy Watch уредот. Апликацијата овозможува поврзување на часовникот со конкретното BYD возило и управување со функциите за отклучување, заклучување и стартување на моторот.

Инсталацијата и поврзувањето се изведуваат преку Samsung Wallet, каде што се зачувува и виртуелниот клуч. Ова решение е дел од пошироката стратегија на Samsung за интеграција на дигитални клучеви во паметни уреди, со поддршка за повеќе автомобилски брендови во иднина.

Зошто соработката на BYD и Samsung е важнa?

Оваа новина претставува уште еден чекор кон целосна дигитализација на автомобилското корисничко искуство, особено кај електричните возила. Освен што ја подобрува удобноста, дигиталниот клуч нуди и поголема безбедност. Клучот може да се деактивира или сподели со други корисници преку апликација, без потреба од физичко предавање.

Што следува?

Иако моментално оваа опција во соработка со Samsung е достапна само во Кина, се очекува BYD да ја прошири поддршката и на други пазари, особено со оглед на глобалната експанзија на брендот. Дополнително, ова покажува дека големите производители на автомобили сè почесто соработуваат со технолошки компании за да понудат интегрирани и паметни решенија за модерните корисници.

Ова е само уште една потврда дека иднината на автомобилите не е само во електрификацијата, туку и во интеграцијата со дигиталниот животен стил.