Од 3 до 5 октомври, во спортската сала „Чаир“ во Ниш се одржа првиот Саем на електромобилност, настан што го означи почетокот на нова ера за електричниот транспорт во јужна Србија. Тимот на elektricniavtomobili.mk беше во еднодневна посета на саемот, пристигнувајќи со Geely EX5, со кој направивме тест-возење од Скопје до Ниш и назад – идеален пример за тоа колку е веќе можно регионално патување со електричен автомобил.

Иако овој саем беше скромен по обем и со ограничен број изложувачи, сепак претставуваше значаен чекор напред за регионот, со оглед дека ова е прв ваков настан во Србија. Организаторите најавија дека ова е само почеток, со план за иднината. Целта е да се постават поголеми изложбени простори и повеќе интернационални брендови наредната година.
Електрични брендови застапени на првиот саем за електромобилност во Ниш
BYD
Најголемо внимание предизвика штандот на BYD, брендот кој веќе има силно присуство во Србија. Во самиот центар на халата Чаир беа изложени сите модели достапни на пазарот – Atto 2, Atto 3, Seal, Seal U и Sealion 7. Посетителите можеа одблиску да се запознаат со различните сегменти и технологијата на кинескиот гигант. Во секој поглед, импресивно. Зачудува квалитетот на вградените материјали и аеродинамичните линии, особено на Seal и Sealion 7.



Geely
Посебно внимание доби Geely, брендот што веќе го тестиравме на наши патишта. На саемот беше претставен Geely EX5, истиот модел со кој патувавме од Скопје до Ниш. Солидна потрошувачка, тивко возење и стабилност на автопат беа потврдени и во реални услови – уште еден доказ дека овој кинески SUV може рамноправно да се мери со останатите европски и кинески конкуренти. Со неверојатната опрема која ја нуди, Geely EX5 е буквално класа сам за себе.

Fiat
На штандот на Fiat беше претставена новата Panda electric, мал градски автомобил кој се очекува да биде еден од најдостапните електрични модели во регионот. Посетителите ја коментираа нејзината едноставност и практичност, типична за италијанската марка. Интересно е што овој модел се произведува и во Србија и беше меѓу најфотографираните на настанот.

Škoda
Škoda се претстави со своите модел Elroq, Enyaq и Enyaq Coupe кој привлекуваа внимание со пространиот ентериер и европскиот квалитет на изработка. Според организаторите, интересот за Enyaq Coupe бил меѓу најголемите на целиот саем.


Seres
Seres, уште еден кинески бренд кој се пробива во регионот, ја искористи можноста да го претстави својот SUV Seres 5, кој комбинира модерен дизајн со пристапна цена. Од истиот увозник беше претставен и малиот урбан електричен автомобил Avantier Commuter.


MG
Британскиот бренд MG, денес под покровителство на SAIC, настапи со два модели од својата електрична понуда – MG4 и Marvel R. Особено се истакнува MG4 – компактен хечбек кој станува се попопуларен во Европа поради односот меѓу цена и перформанси.


Ford
На штандот на Ford можеше да се види Puma Gen-E, модел кој ја симболизира трансформацијата на брендот од класичен бензинец во електричен пионер. Американскиот стил и перформансите беа магнет за љубителите на класиката во ново руво.

Mazda
Mazda се појави со својот нов електричен модел 6e, автомобил што плени со уникатниот дизајн и квалитетната изработка. Mazda се фокусира на ефикасност и урбана употреба на овој прекрасен седан.

JMEV
На саемот беше присутен и JMEV (Jiangling Group Electric Vehicle), кинеска компанија која наскоро ќе започне изградба на фабрика за електрични автомобили во Сремска Митровица. Плановите се да се произведуваат меѓу 3.000 и 5.000 возила годишно, целосно или делумно склопувани локално, што ќе овозможи делумен извоз во ЕУ со пониски царини. JMEV е основан во 2015 и е заедничко претпријатие во кое учествуваат Renault и други кинески партнери.

Прв чекор кон зелена иднина
Иако саемот во Ниш беше ограничен во просторот и бројот на изложувачи, неговата симболика е значајна. За првпат, граѓаните на јужна Србија можеа на едно место да ги видат и допрат повеќето модели што ја предводат електричната револуција. Организаторите најавија дека веќе се размислува за поголемо издание следната година. Тоа би вклучувало уште повеќе брендови и можности за тест-возење.
Настанот ја потврди тенденцијата дека електромобилноста станува реалност и во регионот јужно од Белград. Во тој поглед, Ниш направи храбар прв чекор.