Запознајте ја Драгана, жителка на Ново Лисиче која секој работен ден патува до своето работно место во Карпош 3. Таа, како и многу други граѓани, се интересира дали вреди да се замени бензинскиот автомобил со електричен – и не само поради цената, туку и поради влијанието врз животната средина преку емисиите на јаглерод диоксид (CO₂). Секако, Драгана е наша имагинарна другарка, но голем дел од сите нас кои секојдневно се гужваме по скопските булевари ќе се препознаеме во примерот.
Рутата на Драгана
Релација: Ново Лисиче – Карпош 3
Еднонасочно растојание: приближно 10 km
Дневно: 20 km (одење и враќање)
Работни денови годишно: 240 (просечно)
Потрошувачка и трошоци
Електричен автомобил (просек 15 kWh / 100 km)
Годишна километража: 240 дена × 20 km = 4.800 km
Вкупна потрошена електрична енергија:
4.800 km × 15 kWh / 100 km = 720 kWh годишно
Цена на електрична енергија (домаќинство, ниска тарифа – ноќно полнење): ~5 ден/kWh
Годишен трошок: 720 kWh × 5 ден = 3.600 денари
Бензински автомобил (просек 8 l / 100 km)
Вкупно потрошено гориво:
4.800 km × 8 l / 100 km = 384 литри бензин годишно
Цена на бензин (просек): ~75 ден/l
Годишен трошок: 384 l × 75 ден = 28.800 денари
Емисии на CO2
Електричен автомобил
Директни емисии на автомобилот: 0 g/km
Индиректни емисии (за производство на електрична енергија):
500 g CO₂ / kWh × 720 kWh = 360 kg CO₂ годишно
Бензински автомобил
Просечно: 2.31 kg CO₂ / литар бензин
384 литри × 2.31 kg = 887 kg CO₂ годишно
Трошоци за сервис и одржување
Покрај горивото, значаен дел од годишните трошоци за автомобил се и редовните сервиси. Бензинските возила имаат посложен мотор со повеќе подвижни делови, што подразбира почести и поскапи интервенции – промена на масло, филтри, каиши, свеќички и слично. Просечен годишен трошок за сервис на бензински автомобил во Македонија се движи околу 12.000 до 15.000 денари.
Од друга страна, електричните возила имаат значително помал број на делови кои се трошат, а нема потреба од промена на масло или одржување на издувен систем. Затоа, годишниот трошок за сервис кај електричен автомобил е значително понизок – просечно околу 3.000 до 5.000 денари за промена на филтер за кабина, антифриз и други ситни додатоци.
Ова дополнително ја зацврстува предноста на електричниот автомобил како поекономичен избор на долг рок.
Заклучок
Со премин кон електричен автомобил, Драгана не само што би заштедила над 25.000 денари годишно за гориво и околу 9000 до 12000 денари за сервис, туку би ги намалила и емисиите на CO₂ (јаглерод диоксид) за повеќе од 60 проценти севкупно кога се зема предвид загадувањето при производството на струја, а конкретно на скопските улици намалувањето на загадувањето од електричниот автомобил е 100%. Ако ја имаме предвид можноста за генерирање струја од преку обновливи извори (фотоволтаици) во домаќинствата, во таков случај севкупниот процент на намалување на емисиите е преку 90%.
За да го вози својот електричен автомобил во просек 20 km на ден, пет дена во неделата, Драгана треба да го полни преку вечер на обичен штекер во својот двор/гаража еднаш на секои три недели во просек (ова е за автомобил кој има досег од околу 300-330 km, што во моментов е еден од најмалите во понудата на пазарот – просечниот досег на пазарот е околу 380-400 km). Драгана е навикната да го полни нејзиниот телефон секоја вечер и да не излегува никаде без него, па навиката да го полни автомобилот една вечер на секои три недели за време на ниската тарифа (22 часот навечер до 7 часот наутро), или пак во недела преку ден, не и изгледа воопшто проблематична.
Во примерот вклучивме потрошувачка на бензински автомобил од 8 литри на 100 km, иако знаеме дека потрошувачката на бензинците низ град во најголемите гужви е многу поголема. Тоа не треба да ви го кажеме ние, тоа ви го кажуваат вашите паричници. 🙂 Дали и вие патувате слична рута секој ден? Направете своја пресметка и откријте колку можете да заштедите со премин кон електричен автомобил…
