Полначи за електрични автомобили со 100% обновлива енергија – иднина на одржливата мобилност?

Додека бројот на електрични автомобили расте со секој изминат месец, сè повеќе внимание се посветува и на начинот на кој тие возила се полнат. Дали можеме да одиме чекор понатаму и од „зелени автомобили“ да добиеме 100% одржливо полнење, без зависност од електричната мрежа? Без потпирање на јаглен и останати загадувачи при производство на струја?

Одговорот е: да – преку off-grid полначи за електрични автомобили кои функционираат на 100% обновлива енергија.

Што се off-grid полначи за електрични автомобили?

Овие системи функционираат целосно автономно, без приклучок на постоечката електрична мрежа. Комбинираат сончеви панели, батериско складирање и понекогаш и мали ветерни турбини, за да обезбедат 100% чиста енергија за полнење на електрични автомобили.

Каде веќе постојат?

САД – Компании како Envision Solar и Beam Global инсталираа десетици off-grid полначи низ Калифорнија и Њујорк. Полначите се мобилни, не бараат градежни дозволи и може да се постават релативно брзо.

Кина – Неколку проекти во руралните делови на Кина комбинираат соларни панели со станици за полнење на електрични автомобили за да обезбедат пристап до енергија таму каде што електричната мрежа е слаба или нестабилна.

Европа – Во Германија, Холандија и Норвешка веќе се тестираат off-grid решенија, особено на автопатите и паркинзи каде што традиционалната електрификација е скапа.

Поевтино или поскапо?

На краток рок, почетната инвестиција е повисока, бидејќи вклучува соларни панели, инвертери и батерии. Но, на долг рок, off-grid полначите се ослободуваат од сметки за струја и од нестабилните пазарни цени, што ги прави исклучително исплатливи за оддалечени локации или комерцијални објекти што сакаат енергетска независност.

Уште поважно, визијата на компаниите кои инсталираат off-grid полначи е да понудат поевтини цени и поконкурентни услови за крајните потрошувачи – возачите. На веќе постоечките полначи со 100% обновлива енергија во САД, цените се за 20-30% пониски во споредба со стандардните полначи кои ја користат електричната мрежа.

Дали ова е иднината?

Со оглед на климатските цели и сè поголемите барања за независна, чиста енергија, off-grid полнењето на електричните автомобили е логичен чекор напред. Особено на автопатите, во национални паркови и туристички локации, ваквите практични решенија претставуваат симбол на одржливост.

Секако, трошоците за нивно поставување се сè уште високи, но со технолошкиот развој и сè поголемата достапност на фотоволтаици, ветерници и батериски системи, off-grid полначите може да станат значаен фактор на светската електрична (и автомобилска) сцена.

Какво е влијанието врз емисиите на CO₂?

Ако 100.000 kWh се добијат од јаглен, вкупните емисии при производство се отприлика 80.000 kg CO₂. Off-grid системите немаат емисии при работа, но имаат емисии при производство на елементите (батерии, фотоволтаици, ветерници). За off-grid систем да овозможи 100.000 kWh за полнење на електрични автомобили, вкупните емисии при производство на системот се проценуваат на околу 10.000 kg CO₂, или 8 пати помалку од производството на струја од јаглен.

Поконкретно, ако еден возач троши 2.000 kWh годишно за полнење, со користење на струја произведена само од јаглен, индиректно би емитувал 1.600 kg CO₂ годишно. За истите 2.000 kWh, со off-grid полнач на 100% обновлива енергија, секој возач фактички би емитувал околу 200 kg CO₂ годишно.

Само да ве потсетиме дека ова е споредба меѓу два системи за полнење на електрични автомобили. Ако споредиме со емисиите на CO₂ од дизели и бензинци, бројките се поразителни. За жал, поразителните бројки се нашата реалност и емисиите завршуваат во нашите бели дробови секој ден.


Замислете патување до планина или езеро – и таму ве чека полнач на соларна енергија. Без кабли, без мрежа – само сонце, ветер, батерии и чиста мобилност. Тоа е иднината која електрификацијата може да ја овозможи.