Што е енергетска густина и зошто е важна за батериите на електричните автомобили?

Кога зборуваме за батерии на електрични автомобили, една од најважните карактеристики што се споменува е енергетската густина. Но, што точно претставува оваа карактеристика и зошто е толку значајна?


Што претставува енергетската густина?

Енергетската густина ја покажува количината на енергија што батеријата може да ја складира во одредена маса или волумен. Најчесто се изразува во ват-часови по килограм (Wh/kg) – односно колку ват-часови енергија има во еден килограм батерија.

Пример:

  • Ако знаеме дека батерија има капацитет од 80 kWh и е тешка 500 килограми, може лесно да пресметаме дека батеријата има енергетска густина од 160 Wh/kg (kWh го множиме по 1000 за да добиеме Wh = 80000 Wh, па тој износ го делиме со бројот на килограми (500 kg).

Зошто енергетската густина е толку важна?

Во светот на електричните возила, повисоката енергетска густина значи:

  • Подолг досег со ист волумен или маса на батерија;
  • Полесни возила со ист капацитет, што дополнително ја зголемува ефикасноста;
  • Поголем простор за патници и багаж, бидејќи се потребни помали батерии;
  • Намалени трошоци за производство и одржување со помал број ќелии.

Видови на батерии според енергетска густина

Најчесто користените батерии кај првите електрични автомобили беа литиум-јонските (Li-ion) батерии, кои сè уште се користат. Овие батерии нудат енергетска густина во опсег од 150 до 250 Wh/kg. Тие нудат добра рамнотежа помеѓу густина, цена и издржливост, но се посензитивни на високи температури.

Друг вид што станува сè попопуларен е литиум железо фосфат (LFP). Овие батерии имаат пониска енергетска густина – околу 90 до 160 Wh/kg – но се исклучително стабилни, долготрајни и безбедни, што ги прави одличен избор за градски автомобили и комерцијални возила со поограничен досег. Најновите најави на големите производители како BYD се дека за брзо ќе пристигнат LFP батерии со енергетска густина над 200 Wh/kg.

Батериите базирани на никел-кобалт-манган (NCM), кои се исто така подвид на литиум-јонски батерии, имаат повисока густина, често над 200 Wh/kg, па дури и до 300 Wh/kg во најновите верзии и се користат кај одредени премиум автомобили. Тие обезбедуваат поголем досег, но се поскапи и посензитивни на високи температури, што бара понапреден систем за ладење.

Претходно наброените батерии се засноваат на литиум како основен елемент. На хоризонтот се појавуваат и батерии во цврста состојба (solid-state batteries), на база на широко достапниот натриум и други подостапни елементи, кои сè уште се во развој, но се предвидува дека ќе достигнат густини од 350 до дури 500 Wh/kg. Покрај високата густина, тие ветуваат и побрзо полнење, поголема безбедност и подолг век на употреба. Многу производители ги гледаат овие батерии како иднината на електричната мобилност.


Дополнителни аспекти што влијаат на практична употреба

Иако енергетската густина е клучна, таа не е единствениот фактор:

  • Безбедност: Батериите со висока густина може да бидат посензитивни на високи температури, па потребни се подобри системи за ладење.
  • Трајност: Понекогаш батериите со пониска густина имаат подолг животен век.
  • Цена: Батериите со повисока густина обично се поскапи за производство.

Затоа производителите секогаш прават компромис меѓу густина, безбедност, трајност и цена.


Каква е иднината на енергетската густина?

Според најновите проекции и технолошки иновации:

  • До 2030 година, комерцијално достапните батерии би можеле да достигнат 400 Wh/kg, а со развој на батерии во цврста состојба – и 500 Wh/kg или повеќе, притоа нудејќи врвно ниво на безбедност, трајност и достапни цени.
  • Компании како Toyota, QuantumScape, BYD и CATL инвестираат милијарди во развој на батерии со повисока густина и побрзо полнење.
  • Поголемата густина може да го намали времето на полнење и да овозможи поголем досег, па во иднина се очекува досег од над 1.000 km со едно полнење да биде секојдневие.

Заклучок

Енергетската густина е еден од најважните параметри што ја дефинираат ефикасноста и перформансите на електричните автомобили. Со технолошкиот напредок, таа ќе продолжи да се зголемува, што ќе придонесе за подостапни, полесни, побезбедни и поиздржливи електрични автомобили.

Со други зборови – повисоката енергетска густина е клучот за иднината на електричната мобилност.