Германија повторно воведува субвенции за електрични возила: рестарт на државната поддршка за е-мобилност

По повеќе од една година без директна финансиска поддршка за купувачите на електрични возила, владата на Германија повторно воведува систем на субвенции. Новата програма, која ќе опфати период до 2029 година, е вредна три милијарди евра. Поддршката по возило се очекува да изнесува до 4.000 евра. Целта е да се забрза преминот кон возила без емисии. Но, условите ќе бидат построги од претходно.

Нов пристап кон државната поддршка

Претходната програма „Umweltbonus“ важеше за сите купувачи и често ги фаворизираше поскапите модели. Сега, новите субвенции ќе бидат наменети само за домаќинства со ниски и средни приходи. Наместо универзална помош, германската влада воведува „социјален модел“ на поттик. Тоа подразбира директни грантови или поволни лизинг-услови, со што се намалуваат месечните трошоци за поседување електричен автомобил.

Оваа промена е насочена кон тоа електричните возила да станат подостапни за пошироката јавност, а не само за корпоративниот сектор или повисоката класа купувачи. Притоа, посебен акцент ќе се стави и на пазарот на втора рака. Субвенциите ќе важат и за набавка на користени електрични возила. Се очекува тоа дополнително да ја зголеми понудата и да го поттикне обновувањето на возниот парк.

Финансиски извори и даночно ослободување

За да не се зголеми државниот дефицит, средствата за новата програма ќе се обезбедат преку постојни фондови – национални и Европски. Со тоа, Германија ја одржува својата фискална дисциплина, но во исто време покажува дека електричната мобилност останува стратешки приоритет во енергетската транзиција.

Покрај субвенциите, се продолжува и со важноста на даночното ослободување за електрични возила. Ослободувањето од данок останува во сила до 2035 година. Оваа комбинација на финансиски поттик и даночна предвидливост треба да обезбеди стабилна основа за раст на продажбата во наредните години.

Очекувани ефекти и предизвици

Иако враќањето на субвенциите е позитивен сигнал за пазарот, се уште постојат нејаснотии околу конкретните износи и процедурите за аплицирање. Производителите на автомобили предупредуваат дека успехот на програмата ќе зависи и од тоа колку брзо ќе се обезбеди правна рамка и административна подготвеност за нејзина примена.

Продажбата на електрични возила во Германија опадна во првата половина на 2024 година, веднаш по укинувањето на претходните субвенции. Новата програма треба да ја врати довербата на купувачите. Тоа е важно во услови кога многу европски земји сè уште активно нудат државна помош и кога конкуренцијата на кинеските производители се зголемува.

За да се постигнат долгорочните цели за намалување на емисиите и декарбонизација на транспортот, експертите укажуваат дека финансиските стимули мора да бидат придружени и со значајни инвестиции во инфраструктурата за полнење, стабилност на електроенергетскиот систем и транспарентна политика за цената на електричната енергија.

Овде може да ја прочитате нашата репортажа за степенот на електрификација во Минхен, Германија.

Насока на европскиот пазар

Со овој потег, Германија повторно презема водечка улога во поддршката на електричната мобилност во Европа, но со многу пофокусирана стратегија. Наместо широка финансиска поддршка без разлика на примателот, новиот модел се обидува да ги комбинира социјалните и еколошките цели – достапност на технологијата и намалување на емисиите.