Со порастот на популарноста на електричните автомобили, едно прашање постојано се поставува меѓу потенцијалните купувачи: „Колкав досег имаат електричните автомобили со едно полнење?“ Одговорот на ова прашање во голема мерка е клучен фактор при носењето на одлука за избор на електричен автомобил, па оттука потребата за прецизна информација од производителот која кореспондира со реалноста.
Но, одговорот на ова клучно прашање не е секогаш едноставен, бидејќи не сите тестови за досег се исти. Производители од различни региони користат различни стандарди за мерење на досегот на EV возилата. Најчестите четири се:
- EPA (САД),
- WLTP (Европа и Јапонија),
- NEDC (порано Европа, сега најчесто во Кина),
- CLTC (нов стандард во Кина).
Секој од овие тестови дава различни резултати, а некои се попрецизни од други. Ајде да ги разгледаме секој поединечно.

Што е EPA тест за досег?
EPA (Environmental Protection Agency) е американскиот стандард кој се смета за најреалистичен и најблизок до вистинскиот досег на електричните автомобили во реални услови.
Тестирањето вклучува:
- Полнење на автомобилот до максимум,
- Оставање на автомобилот да мирува преку ноќ,
- Вршење на возење во градски и автопатски услови на динамометар,
- Целосно празнење на батеријата,
- Корекција на резултатите (се множат со фактор 0.7) за да се добие финалната проценка.
Овој пристап овозможува реални и конзервативни проценки за досегот, што е корисно за купувачите кои сакаат точни информации. Сепак, EPA стандардот не е наведен во проспектите на автомобилите во Европа.
Што претставува WLTP?
WLTP (Worldwide Harmonized Light Vehicle Test Procedure) е стандард кој се користи во Европа и Јапонија. Воведено е по скандалот со дизел-возилата на Volkswagen во 2015 година, со цел да се добијат пореални податоци отколку претходниот стандард – NEDC.
WLTP вклучува:
- Подолги циклуси на возење,
- Поголем опсег на брзини (од 47 до 132 км/ч),
- Земени предвид реални услови – како вклучена клима, електроника, терет,
- Попрецизно симулирање на градско и патно возење.
WLTP резултатите се приближно 80–90% точни, но може да варираат во ладни временски услови бидејќи тој фактор не секогаш е вклучен во тестирањето.
Што е NEDC и зошто е застарен?
NEDC (New European Driving Cycle) е стар тест развиен во 1970-тите, кој сè уште се користи во некои земји (до неодамна и во Кина). Иако порано беше европски стандард, денес е застарен и неточен, особено кога во прашање се електричните автомобили.
Главни недостатоци:
- Кратки и нереални циклуси,
- Не ги зема предвид современите навики на возење,
- Резултатите често се преценети за 20–30% во споредба со реалната употреба.
NEDC бројките треба да се користат со претпазливост, особено ако купувате возило надвор од Кина.
Што е CLTC и дали е точен?
CLTC (China Light-Duty Vehicle Test Cycle) е нов кинески тест кој го заменува застарениот NEDC. Воведува три фази на возење: бавно, средно и брзо, со вкупно траење од 30 минути и 14.5 км поминат пат.
Главни карактеристики:
- Повеќе запирања за време на возење,
- Подолг период на мирување во споредба со другите стандарди,
- Максимална брзина во тестот: 114 км/ч,
- Резултатите често се повисоки од WLTP и EPA.
Иако CLTC се обидува да ги одрази кинеските услови за сообраќај и навики на возачите, резултатите се попозитивни од реалноста. Просечно, CLTC досегот е 15–25% повисок од WLTP.
Заклучок: кој стандард е најпрецизен?
Информациите од терен, односно од искуствата на возачите покажуваат дека EPA и WLTP стандардите се многу подобри од NEDC и CLTC, но EPA е најреалистичниот. Разликата помеѓу EPA и WLTP досегот обично изнесува околу 11%, односно ако еден автомобил има WLTP досег од 100 км, EPA проценката ќе биде околу 89 км.
Кинески извори покажуваат дека CLTC досегот редовно ја надминува WLTP проценката. Пример:
- WLTP досег: 398 км
- CLTC: 509 км
Може да се заклучи дека:
- EPA е најпрецизен за реални услови,
- WLTP е добар ориентир за европски пазар,
- NEDC и CLTC не се погодни за глобална споредба.
Практичен совет: при разгледување на електрични автомобили на нашиот пазар и на европските пазари, секогаш осврнете се на податоците за досег во километри според WLTP стандардот, при што за да добиете реалистична бројка која ќе биде поблиска до EPA стандардот, одземете околу 10%. Секогаш имајте резерва кон податоците согласно CLTC стандардот на кинеските производители.
