Додека развиените земји сè уште се борат со транзицијата кон електрични возила, Непал – една од економски поскромните држави во Азија – веќе направи голем чекор напред. Според неодамнешната објава на New York Times, дури 76% од сите новорегистрирани возила во главниот град Катманду во 2023 година биле електрични.
Клучот на успехот на Непал: достапност и практичност
Успехот на електричните возила во Катманду не се темели на субвенции од Запад или на богати приватни инвестиции. Напротив, возачите таму ги избираат ЕВ поради практични причини. ЕВ се поевтини за возење, тивко се движат низ хаотичниот сообраќај и полнењето е достапно и во домот.
Најголем дел од возилата доаѓаат од кинески производители, кои нудат евтини, компактни и прилагодени ЕВ модели за урбани услови.
Одржливост без луксуз
Катманду има густо население, тесни улици и голема загаденост. Електричните возила таму се гледаат како алатка за решавање на секојдневни проблеми, а не како статусен симбол. Ова покажува дека електрификацијата на транспортот не мора да започне од луксузни модели или технолошки иновации, туку од практична потреба.
Што можеме да научиме од Непал?
Иако Македонија е далеку поразвиена економски од Непал, бројот на електрични возила кај нас сè уште е скромен. Примерот од Катманду докажува дека и држави со ограничени ресурси можат брзо да преминат на ЕВ. Секако, услов е цените да се прифатливи и полнењето да е едноставно.
Ова е потсетување дека електричната мобилност не е само за богатите држави, туку е остварлива цел и за земји како нашата – со јасна стратегија, достапни модели и едукација на граѓаните.
